Стефан Спировски е оптимист пред дуелите во октомври со Лихтенштајн и Германија во квалификациите за настап на Светското првенство во Катар идната година.
Играчот од средниот ред вели дека со игрите на трите дуели месецов против Ерменија, Исланд и Романија нашата репрезентација покажа дека може да конкурира за висок пласман во Ј групата и ако продолжиме во тој стил, и резултатите ќе бидат подобри.
„Како тим имаме свои цели. Пак ќе кажам, иако резултатски можеби не ги оправдавме очекувањата на македонските навивачи, сметам дека сме на вистински правец повторно да направиме нешто големо и Македонија да игра на големо натпреварување. Но, секако, треба да сфатиме дека тимот е тој што го победува и најтешкиот и најсилниот противник. Ако сите се ставиме во функција на тимот и дишеме како едно, тогаш сме на вистинскиот пат“, вели новиот играч на украински Мариупол.
Македонија под палката на новиот селектор Благоја Милевски трипати ремизира. Против Ерменија и Романија во Скопје без голови и со Исланд во Рејкјавик 2:2. Имавме доминација и голем посед на топката на сите три меча, а особено боли ремито против Исланд, кога имавме предност од 2:0 и апсолутна контрола на мечот до 78-мата минута, но примивме два гола и не победивме.
„Впечатоците од нашата соработка со новиот селектор Благоја Милевски и стручниот штаб се повеќе од позитивни. Иако времето за подготовките пред септемвриските натпревари беше релативно кратко, имам само пофални зборови за почетокот на нашата соработка. Првпат сме заедно, но веднаш се забележува неговата принципиелност во работата како тренер, но и како човек, а тоа го потврдуваат и моите колеги кои веќе работеле со него. Мислам дека како тим ќе соработуваме добро во иднина“, изјави Спировски.
Сега нè очекуваат уште два меча, против аутсајдерот во Ј групата Лихтенштајн на гости на 8 октомври и против првиот фаворит Германија на 11 октомври во Скопје.
Германците ги победивме во март во Дуисбург со 2:1, во една од најголемите сензации во европски квалификации за настап на Мундијал. Победата е рангирана како најголемо изненадување досега во овој циклус на квалификации за СП во Катар.
Тогаш селектор беше Игор Ангеловски, човекот кој прв ја одведе Македонија на сениорско Европско првенство. Го наследи Благоја Милевски, селектор што имаше чест прв да води национална фудбалска селекција на големо натпреварување, но како кормилар на младинците, кои играа на ЕП во Полска во 2017 година.
Сега и тој, и Спировски и соиграчите ќе мора да приредат нов подвиг против Германците, секако и да го победат Лихтенштајн ако сака Македонија да игра на Мундијалот во Катар идната година.