Многу пати во фудбалот не победуваат екипите кои доминираат на теренот, а тоа се потврди и синоќа на средбата во Берлин меѓу Херта и Баерн Минхен. Домаќините победија со 2:0, иако, ако се погледне статистиката, тој резултат е за неверување.
Херта даде по еден гол во двете полувремиња, и со 50 осто успешност ги реализираше четирите шута кои ги упатија директно кон голот на Баерн. Гостите не ја искористија фаворитската улога, иако на теренот речиси во текот на целиот меч доминираа.
На крајот статистиката покажува дека Баерн има 70 отсто посед на топка, наспроти 30 на домаќините. Баварците упатиле неверојатни 25 шута кон домашниот гол. но не се израдуваа. Интересно е тоа што од тие 25 удари, само пет биле прецизни во рамките на голот на Херта, но и тие не го најдоа патот до мрежата.
И бројот на изведените корнери покажува доминација на Баерн. Гостите дури 14 пати изведуваа од аголот, а Херта само еднаш имаше можност да изведе корнер. На крајот, Баерн два пати повеќе ја шутираше и топката од центарот на игралиштето, што значи дека Херта била подобра за два гола.
Ова е само уште еден од низата натпревари кои потврдуваат дека статистиката знае многу пати да излаже.