Спори беа Металците за Динамик – МЗТ се коцка со плејофот во АБА 2

МЗТ Скопје претрпе сензационален пораз од Динамик во меч од 20-тото коло во АБА 2 лигата и сега стравува за настап во плејофот, нешто што беше речиси сигурно само пред еден месец.

Последнопласираниот тим во Лигата успеа да го изненади македонскиот претставник и победи со 84:82 во возбудлив, но и задоцнет финиш за МЗТ Скопје.

Со серија од 9:0 во последните 100 секунди, кошаркарите на МЗТ се обидоа да приредат голем пресврт, намалија на 81:82, но на крајот мораа да му честитаат на противникот. Џабари Хајндс се обиде да погоди тројка во последен момент, но не погоди за осми пораз на Металците во 20 натпревари во АБА 2 лигата.

МЗТ Скопје почна со одлична серија од 7:0, но потоа домашните кошаркари застанаа, што умешно го искористија гостите од Србија и ја забележаа само осмата победа во 20 меча сезонава во АБА 2.

Мирослав Пашаљиќ со 21 поен беше најефикасен кај Динамик, а одлично за гостите одигра и Иван Смиљаниќ со 16 поени.

Американецот Олуфеми Олуџоби имаше добро деби за МЗТ Скопје, постигна 24 поени и беше најефикасен на мечот, но без резултатски ефект за аеродромци.

Андреј Магдевски беше втор стрелец кај домаќините со 14 поени, а Дамјан Стојановски постигна 12.

МЗТ Скопје останува на второто место со 32 бода, пред Широки Бријег и Сплит со по 31 бод. Заедно со лидерот Борац, кој има 38 бода, тоа се засега четирите екипи што би играле во плејофот за влез во АБА лигата.

Во последните две кола МЗТ ќе му гостува на Нови Пазар и ќе игра дома против Ловќен, а му треба една победа за настап во доигрувањето за титулата.

- Оглас -

Најнови вести