Србија или САД? Подобриот не го освојува златото туку ќе се бори за петтото место

Двете најголеми разочарувања на Светското кошаркарско првенство во Кина попладнево ќе ги одмерат силите. Србија и САД ќе играат во меч кој е дел од разигрувањето за пласман од петтото до осмото место на Мундобаскетот. Србите беа шокирани од Аргентина, а вчера уште еднаш беа разочарани бидејќи со пласманот на Франција во полуфиналето избраниците на селекторот Александар Ѓорѓевиќ ги загубија шансите дека на Мундобаскетот може да се изборат за пласман на Олимписките игри во Токио следната година.

„Пред нас е голем противник. Искрено  повеќе се подготвувавме за Франција, мислејќи дека САД ќе победи и потоа ќе се бориме за место кое води на Олимписките игри. Сепак, тоа нема да се случи. Ова ќе биде меч за престиж, за гордост. Ќе биде спортска војна. Ќе бидеме максимално мотивирани. Секој меч на Светското првенство за нас е посебно значаен, иако овој дуел нема да има натпреварувачко значење. Не е лесно, сите очекувавме дека ќе се бориме за медал, но професионалци сме и треба да се мотивираме“, рече селекторот на Србија, Ѓорѓевиќ.

Американците вчера го претрпеа првиот пораз во последните 13 години на планетарните собири, и тоа со двоцифрена разлика од Франција. Против Србија, но и до крајот на првенството, САД ќе биде без бекот од Бостон, Маркус Смарт, кој има повреда, па лекарите препорачаа веќе да не биде дел од натпреварите.

 

- Оглас -

Најнови вести