Србија водеше 16 разлика, а потоа се распадна и Италија победи, Американците се намачија против Црна Гора

Главната групна фаза на Светското кошаркарско првенство започна многу возбудливо. Најнеизвесно беше на дербито меѓу Србија и Италија, а на крајот Аѕурите се радуваа со 78:76.

Победата на Италија е со вистински подвиг кој ретко се гледа кога се игра вакво дерби. Србија водеше со убедливи 16 разлика (60:44) во 26-тата минута, но тогаш како да застанаа избраниците на Светислав Пешиќ. Италијанците со серија од 17:2 стигнаа само на еден негатива (62:61) на почетокот на последната четвртина.

Србите последен пат водеа со 64:61, а потоа Италија со низа од 11:3 стигна до 72:67, а потоа и до 76:71 во 39-тата минута. Србија не се предаде, намали на 76:78 и во последните 10 секунди имаше шанса да погоди за израмнување или победа, но од многу голема далечина не погодија тројка и Аѕурите се израдуваа на победа.

Симоне Фонтекио е лидер на Италија со 30 поени, додека кај Србија Богдан Богдановиќ постигна 18 поени, но имаше очаен шут за тројка и погоди само еднаш од 13 шута.

Американците потешко од очекувањата стигнаа до победа над Црна Гора од 85:73. Црногорците речиси во целиот меч беа рамноправен противник. На полувремето водеа со 38:37, а во текот на третата четвртина Црна Гора имаше предност и од 46:43, а во пресрет на последната четвртина Американците имаа предност од 61:55. На четири минути до крајот Црна Гора намали на четири разлика 72:68, но немаше сили да го изненади првиот фаворит за титулата на СП.

Германија во второто полувреме го скрши отпорот на Грузија и на крајот победи со убедливи 100:73. По првото полувреме Панцерите водеа само со два поена (43:41), но во второто полувреме со фуриозна игра едноставно го уништија противникот. Со оваа победа Германија си обезбеди место во четвртфиналето на Мундијалот.

- Оглас -

Најнови вести