Србинот Драган Николиќ е нов тренер на МЗТ Скопје Аеродром!

Искусниот српски стратег Драган Николиќ (50 години) од денеска е нов тренер на МЗТ Скопје откако потпиша договор до крајот на сезоната, со можност тој да биде продолжен и до јуни 2024 година. Николиќ доаѓа на местото на Ацо Петровиќ, кој доби отказ поради слабите резултати во АБА-лигата.

Станува збор за добро познато име за македонската спортска јавност, со оглед што во сезоната 2016/17 повеќе од успешно го предводеше Карпош Соколи во АБА-лигата. Николиќ има и македонски пасош со оглед на потеклото на неговото семејство од нашата земја, а згора на тоа, негова сопруга е една од најдобрите македонски кошаркарки на сите времиња, Марија Видикова.

Негов последен клуб беше Борац Бања Лука (2020-2022), со кој настапи на завршниот турнир од АБА2 годинава во април во Скопје, преку кој нашиот тим обезбеди враќање во регионалната елита. Претходно,ја предводеше Игокеа, полскиот Кошалин, Младост Земун, а на почетокот на 21 век неколку сезони беше тренер на поранешниот женски гигант од Охрид, тимот на Профитнес.

Популарниот Гаги се очекува денеска да пристигне во Скопје, а дебито на клупата ќе го има в петок, на гостувањето кај Цибона во меч од 13-тото коло од АБА-лигата.

- Оглас -

Најнови вести