Денешните квалификации за Европското првенство во фудбал ќе донесат конечен расплет во групата Г, каде Унгарија има обезбедено место на ЕП 2024, а за второто место се борат Србија и Црна Гора.
Србија како самостојна држава, има три учества на светски првенства, беа присутни и лани на Мундијалот во Катар, но досега никогаш не играле на Европско првенство. Последен пат кога нашите северни соседи беа на ЕП, беше во 2000 година, кога во тимот освен Срби, имаа и Црногорци. А, денеска, токму Србите и Црногорците се борат за само едно слободно место.
Србија е во далеку поповолна ситуација, само чудо може да ги спречи од одење на ЕП. Тие нема да играат на ЕП само ако попладнево од 15 часот во Лесковац загубат од Бугарија која досега не знае за победа, а притоа Црна Гора победи на гости во Унгарија.