Среќата ги прати храбрите – Даниел Аврамовски ужива во фудбалската магија

Даниел Аврамовски покажа дека храбрите ги следи и среќата, направи голем кам-бек со одлуката да го засили Вардар, а сега ужива во прекрасни моменти и во фудбалската магија.

Првиот стрелец во домашното првенство доби повик да биде дел од А селекцијата на Македонија за завршните два меча од евроквалификацискиот циклус, против Австрија во Виена на 16. ноември и со Израел во Скопје, три дена подоцна.

„Навистина сум среќен и ова е вистинска сатисфакција за добрите игри во дресот на Вардар. Имаме многу квалитетни играчи, со дел од нив играв и на младинското Европско првенство првенство во Полска и верувам дека ќе покажеме и во Виена и потоа во Скопје дека фудбалот кај нас напредува со крупни чекори. Искрено очекувам добри резултати и игра против Австрија и Израел и се надевам дека ќе добијам шанса да дебитирам во квалификациски меч за А селекцијата“, вели Аврамовски за „Спорт Манија“.

Дебитант во А селекцијата на Македонија, но не и на големата сцена. Аврамовски беше дел од златната генерација младинци што приреди ретко виден подвиг и во конкуренција на Франција, Исланд, Украина, Шкотска и Северна Ирска во квалификациите за ЕП за играчи до 21 година успеа да запише историски пласман на големо натпреварување во 2017 година.

Игравме на саемот на најголемите европски фудбалски таленти во Полска, што е успех број 1 во историјата на нашиот фудбал.

„Тие моменти вечно се паметат. Игравме без пардон, со многу елан, борбеност, иако бевме во исклучително тешка група со Шпанија, Португалија и Србија. Дадовме се од себе и според реакциите на фудбалската јавност не разочаравме. Македонија има фудбалски таленти, а нашата генерација е на ред да покаже дека може со секого да се носи. Јас верувам дека во блиска иднина, а зошто да не и веќе во 2020 година Македонија повторно ќе игра на големо натпреварување“, додава првиот стрелец во нашата Прва Лига.

Клучен момент за еден од најдобрите техничари во македонското првенство и прв стрелец со 9 гола беше доаѓањето во Вардар. По период со неколку повреди и смена на неколку клубови, Аврамовски во зимскиот трансфер период годинава потпиша за Вардар.

Враќањето во домашната лига му годи, а со игрите го заслужи и повикот во националниот состав. Вардар е хит во новата сезона и е лидер на табелата, а Аврамовски е џек-пот за младиот состав што го предводи Александар Васоски.

„Навистина погодив што дојдов во Вардар. Не треба да се трошат зборови за нашиот најтрофеен клуб и што значи Вардар во Македонија, па и надвор од неа. Иако не бевме во првиот ред фаворити, играме одлично што е плод на квалитетот, но и на прекрасната атмосфера. Имаме многу талентирани фудбалери, што допрва ќе го презентираат вистинскиот квалитет. Тренерот Васоски одлично командува од клупата, ние играме како еден на теренот и ефектот е лидерската позиција. Сега само да успееме да ја победиме и Струга и можам на мир да го очекувам периодот за последни подготовки со репрезентацијата пред дуелите со Австрија и Израел. Ова се пријатни мигови за мене и се надевам дека ќе продолжат и во иднина“, заврши Аврамовски.

Новиот прволигаш Струга Трим Лум е нов предизвик за Аврамовски и неговите соиграчи, а целта се знае, да се продолжи импресивната серија во домашната лига што сега е на кота 12, без пораз за најтрофејниот македонски клуб.

Мечот ќе се игра во Струга од 13 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести