Ватерполо репрезентацијата на Србија која го брани олимпиското злато освоено пред три години, претрпе тежок пораз во второто коло од турнирот во Париз. Австралија славеше убедливо со 8:3, иако Србија важеше за голем фаворит пред мечот.
Во првата четвртина Австралија водеше со 1:0, а потоа во втората четвртина се случи чудото. Кенгурите беа незадржливи и овој квартал го добија убедливо со 5:1, па на полувреме имаа предност од 6:1.
Српските ватерполисти едноставно беа немоќни, па по три четвртин губеа со неверојатни 7:1. Не се памти кога последен пат Србија постигнала само еден гол во првите три четвртини, но овојпат делуваа немоќно, иако беа фаворити пред дуелот.
На крајот, Србите ја добија последната четвртина со 2:1, но тоа не беше доволно да се ублажи дебаклот и поразот од 8:3.
„Не знам што се случи. Дали е некаква ментална блокада, страв или нешто друго. Едноставно како да не бевме на мечот. Тоа е наједноставнто објаснување“, вели селекторот на Србија, Урош Стевановиќ.
Во реприза на финалето од последното Светско првенство, Италија ја победи Хрватска со 14:11. Коцкестите ја добија првата четвртина со 4:3, а на полувреме беше нерешено, 6:6. Фуриозно започна Италија во третата четвртина и постигна три гола по ред за предност од 9:6, што на крајот се покажа како клучен момент.
Аѕурите рутински ја чуваа високата предност за вакви дерби дуели и на крајот стигнаа до втора победа во второто коло на ватерполо турнирот на Игрите. За Хрватска ова беше прв пораз, откако претходно ја победија Црна Гора со 11:8.