Стаса најинтересниот мејл во историјата на Чемпионшип: Нема да ја исфрламе топката во аут…

Раководството на Бристол сити ја испрати најинтересната електронска порака во историјата на Чемпионшип во Англија, а сите ривали во лигата добија мејл со неочекувана содржина.

„Веќе нема да ја исфрламе топката во аут, при повреда на противнички играч, освен ако не се работи за повреда на главата. Досега неколкупати имаше симулирање во ситуација кога можевме да постигнеме гол и затоа во иднина ќе му оставиме на главниот судија да одлучува“ гласи пораката од Бристол сити испратена на 19 адреси.

Причина за ваквиот потег на раководството на членот на втората најсилна лига во Англија е симулирањето на играчите на Лидс, како што самите велат.

На премиерниот меч за Бристол сити со Лидс, што домаќините го загубија со 1:3, дојде и до кавга на двајцата тренери. Ли Џонсон ја бранеше одлуката на своите играчи, да не ја исфрлаат топката надвор од игра, додека Матеуш Клих, играчот на Лидс лежеше повреден на теренот.

Џонсон сметаше дека Клих симулира, а Марсело Бјелса, тренерот на Лидс влета во конфликт со него.

„Затоа испративме мејл со порака до сите наши ривали во Чемпионшип. Пречесто се глумат повреди на теренот, па сега одлучивме да ја прекинеме таа пракса на нашите мечеви. Се обидов тоа да му го објаснам на Бјелса. Сега судиите нека го имаат главниот збор на мечот, кога станува збор за повреди. Исклучок ќе бидат повредите на главата“, изјави Џонсон.

Лидс победи со 3:1 на стартот од новата сезона во ова натпреварување, а на мечот што потоа предизвика чудна реакција на раководството на Бристол сити играше и нашиот репрезентативец Езџан Алиоски.

- Оглас -

Најнови вести