Ракометната репрезентација на Македонија утрово замина во Хрватска каде на 15-ти јануари го почнува настапот на Светското првенство, а вечерва избраниците на Кирил Лазаров одиграа контролен меч против Хрватска со кој загубија 25-27, но оставија добар впечаток и воопшто не беа инфериорни против силниот ривал.
Пикерот Пешевски беше прв стрелец со 4 гола, а по три реализации имаа Костески, Кузмановски, Атанасијевиќ и Серафимов.
Статистиката од мечот покажува кои беа добрите, а кои слабите страни на Црвено-жолтите вечерва, и што е тоа на што ќе треба да се работи неделава, до првиот меч на СП со Унгарија следната среда.
Добра страна беа голманите Митревски и Кизиќ кои заедно имаа 15 одбрани, од тоа три седмерци (сите на Кизиќ во второто полувреме). Имавме добра реализација на седмерците и контрите, а најголем проблем беа техничките грешки и 15 загубени топки.
Не можеме да се пофалиме со добра реализација на шутевите од 9 метри, а во минус бевме и според времетраењето на нападите (во просек нашите напади беа за 8 секунди побавни од тие на Хрватска), работи што често ни се случуваа и во минатото.