Стелоне: Конечно Несторовски каков што го знаеме

Роберто Стелоне е задоволен од победата против Карпи, а особено од настапот на капитенот Илија Несторовски. Македонскиот репрезентативец доминираше на теренот во победата од 4-1 на Палермо, а постигна два гола и една асистенција.

„Сите беа одлични и конечно одигравме како што може Палермо и каков што има квалитет. Капитенот одигра во издание во кое го знаеме и од неговата претстава, и од тоа што го одигра и Шушкаш сум задоволен“, истакна тренерот на Палермо.

Несторовски отсуствуваше долг период во финишот на 2018 година и на почетокот на оваа, но се врати со голови. Сега ги има девет и е прв стрелец на Палермо и ја дели седмата позиција на листата со најдобри стрелци во Серија Б заедно со Дијаманти од Ливорно.

Во самиот финиш, Несторовски беше заменет, а Александар Трајковски го одигра целиот меч. Од денеска и двајцата треба да му бидат на располагање на селекторот Игор Ангеловски за стартот на новиот квалификациски циклус за настап на ЕП 2020 година.

И Несторовски и Трајковски треба да бидат дел од стандардните репрезентативци за дуелите со Летонија на 21 март во Скопје и потоа и за мечот со Словенија во Љубљана на 24 март.

- Оглас -

Најнови вести