Стелоне си го пофали капитенот: Несторовски е предатор

Роберто Стелоне го пофали целиот тим на Палермо по победата против Беневенто на гостински терен, но посебно истакна едно име. Капитенот Илија Несторовски доби многу комплименти за претставата што ја прикажа во дербито во Серија Б, а нашиот репрезентативец беше стрелец на првиот гол во победата од 2-1.

„Одлично. Несторовски одигра супер меч. Тој е вистински предатор и лидер на тимот. Ова е многу важна победа за нас, но има уште да се игра. Да бидеме концентрирани до крајот, па потоа ќе имаме можност да се радуваме“.

Несторовски го постигна 12-тиот гол за Палермо, а веќе стана и навика тој да биде прв стрелец на клубот. Го дели петтото место на листата со најдобри стрелци, но сака да биде на првото место со Палермо, како што и претходно истакна во трката за директен пласман во Серија А.

Палермо моментно е на третата позиција со 56 бодови зад Бреша и Лече, кои имаат по 57 бодови, но Лече има меч повеќе, а Бреша еден помалку од клубот од Сицилија. Двете првопласирани екипи следната сезона ќе играат во Серија А.

„Ништо не е готово. Не сме оствариле уште ништо и не треба да летаме во облаци по победата против Беневенто“, предупредува капитенот на Палермо.

Тој и Александар Трајковски, кој исто така е член на Палермо, ќе бидат многу важни алки во финишот на сезоната, а клубот од Сицилија има уште пет меча до крајот на сезоната во Серија Б.

- Оглас -

Најнови вести