Стерлинг откри зошто Англија синоќа не калкулираше против Чешка

Англија со одличен учинок од две победи и едно реми, без ниту еден примен гол, ја заврши групната фаза на Европското првенство. Со овој биланс, Гордиот Албион го обезбеди првото место во групата, кое и не носи многу голема привилегија,освен тоа што остануваат на „Вембли“ да играат во осминафиналето.

Според „костурот“ на натпреварувањето, Англија како првопласирана во својата група сега ќе ја чека второпласираната селекција од Ф групата, каде што се гигантите Франција, Германија и Португалија. Токму една од овие три селекции ќе ѝ биде ривал на Англија во осминафиналето и тоа ќе биде дербито на таа фаза од првенството.

Англичаните можеа и да калкулираат и да одиграат нерешено против Чешка, со што би биле второпласирани и тогаш ќе добиеа ривал од Е групата. Сепак, Рахим Стерлинг открива дека Англичаните се решени да одат до крајот, и тоа во дуели со најсилните противници.

„Против Чешка добро ја контролиравме топката и тоа ни даде можност да создадеме повеќе шанси за гол. Навреме погодивме и потоа ни беше полесно. Завршивме први во групата и знаеме дека сега нè очекува тежок предизвик, но едноставно мора да се соочиме со најголемите ривали“, вели Стерлинг.

Англија никогаш во историјата не била европски првак, а најголемите успеси на континенталните собири ги имаат на турнирите во 1968 и 1996 година, кога завршија на третото место.

 

- Оглас -

Најнови вести