Струга ако го помине Жалгирис, може да налета на Галатасарај, нема лесни противници за Македонија ЃП (Фото)

Денес во седиштето на УЕФА во Нион ќе биде извршена ждрепката за второто квалификациско коло од Лигата на шампионите и Конференциската лига. Веќе е извршена и поделбата по групи и познати се можните противници на нашите екипи.

Шампионот Струга Трим Лум доколку успее да мине против Жалгирис, за можни противници ќе ги има турскиот великан Галатасарај, бугарскиот Лудогорец и Карабаг од Азаербејџан.

Доколку Струга не успее да мине, тогаш се сели во второто коло од шампионската група на Конференциската лига. Таму за можни противници ќе ги има Балкани од Косово, Ларн од Северна Ирска и поразениот од финалето на претквалификациите.

Освојувачот на Купот на Македонија, екипата на Македонија ЃП доколку успее да направи изненадување против РФС Рига, ќе го заземе носителското место на клубот од Летонија, но ниту тоа нема да им донесе лесен противник. Можни противници на Македонија ЃП во второто коло се Адана Демирспор од Турција, Ворскла од Украина, Сабах од Азербејџан, Ордабаши од Казахстан и победникот од дуелот Паневежис – Милсами.

Вицешампионот Шкупи има добар еврорејтинг и во второто коло ќе биде носител, секако доколку ја мине литванската пречка Хегелман во првото квалификациско коло. Можни противници на клубот од скопски Чаир се Бејтар Ерусалим од Израел, Левски Софија од Бугарија, Габала од Азербејџан и победниците од дуелите Ла Фиорита – Зимбру и Балазан – Домжале.

Екипата на Шкендија имаше најмногу среќа во ждрепката за првото квалификациско коло од Конференциската лига и се очекува да нема проблеми против седмопласираната екипа од првенството на Велс, Хаверфордвест. Можни противници на тетовци во второто коло се Дрита од Косово, Борац Бања Лука од БиХ, Диферданж од Луксембург и победниците од дуелите Тобол – Хонка и Б36 Торшавн – Паиде.

Ждрепката за второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите ќе се одржи во 12 часот, додека за Конференциската лига во 13 часот.

- Оглас -

Најнови вести