Македонскиот фудбалски првак, екипата на Струга Трим Лум, вечерва го започнува европскиот предизвик. Стружани гостуваат во Братислава кај Слован, во првото квалификациско коло од Лигата на шампиони.
Екипата на Слован е со многу побогато меѓународно искуство и ја има фаворитската улога, но од таборот на македонскиот првак најавуваат дека нема предавање.
„Имавме добар подготвителен период. Максимално се трудевме да бидеме подготвени за овој предизвик и верувам дека сме подготвени. Играме против најдобриот тим од Словачка, клуб со традиција и добри резултати. Се обидовме да ја анализираме нивната игра гледајќи ги нивните настапи на последните пријателски средби, но и во првенството. Во нивните редови има играчи и кои беа дел од Европското првенство. Максимално сме фокусирани и ќе се обидеме да извлечеме позитивен резултат кој би ни дал надеж за во реваншот“, вели тренерот на Струга ТЛ, Ќатип Османи.
За Струга ТЛ ова е трета сезона како играат во Европа. Во 2022 година уште во првото квалфикациско коло беа елиминирани од Лиепаја од Летонија со вкупни 2:5, но лани имаа многу поуспешен настап. Откако во двомечот загубија од Жалгирис со 2:1 во квалификациите од Лигата на шампионите, продолжија во квалификациите на Конференциската лига, каде што прво со 5:3 во двомечот беа подобри од Будуќност, а потоа го елиминираа и Свифт од Луксембург со вкупно 4:3 по двта дуела. Во третото претколо Струга загуби од Брејдаблик од Исланд со 2:0.