Струга ТЛ го доби дербито против Шкендија, апсолутна доминација на домашните екипи

Струга Трим Лум го доби дерби дуелот против Шкендија минимално со 1:0 и останува лидер на табелата во Прва фудбалска лига на Македонија. Христијан Малески беше стрелец на голот за Струга што донесе три бода за домаќините, кои се зацврстија на чело на табелата со 30 бодови од 14 меча. Шкендија остана со 24 бодови и сега падна на третото место на табелата.

Шкупи продолжува со добри игри и без многу мака славеше над Скопје со 3:1. Настевски донесе изненадувачко водство за гостите по само три минути игра, но Шкупи брзо успеа да врати и веќе во 22 минута, фаворитот водеше со 2:1. На почетокот на вториот дел Шкупи постигна и трет гол за решавање на сите дилеми околу победникот.

Академија Пандев против Силекс победи со 3:0 и струмичани полека бегаат од опасната зона. Донев и Трајков погодија за сигурна предност на домаќините, кој во финишот на средбата постигнаа и трет погодок.

Со 3:0 победи и Тиквеш против Работнички, а Ивановски беше стрелец на погодокот во првиот дел за радост на кавадарчани. Во второто полурвеме за домаќините погодуваа и Миловановиќ и Христов, па Тиквеш со три гола заслужено стигна до три нови бода.

Резултати: Академија Пандев – Силекс 3:0, Шкупи – Скопје 3:1, Струга – Шкендија 1:0, Тиквеш – Работнички 3:0.

Табела: Струга Трим Лум 30 бодови, Шкупи 25, Шкендија 24, Силекс 23, Тиквеш 22, Брегалница 19, Македонија ЃП 16, Работнички 15, Академија Пандев 12, Победа 11, Скопје 6.

- Оглас -

Најнови вести