Струга Трим Лум не дозволи изненадување и со 2:1 славеше против Шкупи во меч од 11-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија. Со оваа победа тимот на Струга ТЛ се искачи на чело на табелата со 26 бода. Вардар сега е втор со 24 бода, но Црвено-црните утре ги чека дерби дуел против третопласираниот Силекс во Скопје. Шкупи останува на дното на табелата само со еден освоен бод.

Мечот се играше во Струга, но Шкупи ја имаше улогата на домаќин затоа што чаирчани се казнети.
Интернационалецот од Буркина Фасо, Компаоре, е херојот на Струга ТЛ, постигнувајќи ги двата гола. Најпрво погоди во 24-тата минута за водство на фаворитот од 1:0 на полувреме.
Вториот дел не започна најдобро за Струга ТЛ затоа што беше досуден пенал за Шкупи. Прецизен од белата точка беше Муарем, кој не се радуваше премногу како знак на респект кон неговиот поранешен тим, а тоа е Струга ТЛ.

По пеналот, Струга ТЛ остана и со играч помалку затоа што директен црвен картон доби Дијако, но и со 10-мина фудбалери на теренот, стружани стигнаа до победа. Во 74-ата минута еден играч на Шкупи играше со рака во шеснаесетникот, а Компаоре беше прецизен од пенал за негов 11-ти погодок сезонава.

