Струга ТЛ носи одличен резултат од Вилнус, идната недела пред своите гледачи ќе брка двомеч со Галатасарај

Македонскиот фудбалски шампион Струга Трил Лум одигра 0:0 на гости кај Жалгирис во првиот меч од првото квалификациско коло за пласман во Лигата на шампионите и има одлична шанса во реваншот пред своите гледачи да обезбеди пласман во следната рунда.

На натпреварот кој се одигра во Вилнус, стружани одиграа паметно, му го препуштија поседот на топката на литванскиот шампион и со одлична тактичка поставеност не дозволија Жалгирис да се заканува кон голот на Ведран Ќосевски.

Во првото полувреме, двата тима имаа по една шанса, Жалгирис се закани преку Хнид, чиј удар го одбрани Ќосевски, додека Бунјамин Шабани не успеа да го совлада Гертмонас.

Во вториот дел, Жалгирис имаше повеќе од играта, но повторно одбраната на Струга ТЛ одлично си ја заврши работата. Ојевусу на стартот од вториот дел се закани, како и преку Вилхалмсон, но мрежата на Ќосевски остана недопрена. Одлична шанса Струга имаше во 64-тата минута преку Шабани, кој не успеа да го совлада голманот на Жалгирис. Во финишот, Валентин Кочовски имаше одлична шанса, но неговиот шут откосо од десетина метри заврши покрај голот. Во судиското продолжение, пак Жалгирис имаше одлична шанса за гол, но шутот на Попесу заврши покрај стативата.

По ремито во Вилнус, стружани немаат пораз на гости во европските натпревари, на дебито пред две години во квалификациите за пласман во групната фаза во Лигата на конференции одиграа 1:1 против Лиепаја.
Реваншот ќе се игра идниот вторник во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид.

- Оглас -

Најнови вести