П’лзењ и ЦСКА Москва одиграа вистински трилер-меч во Чешка на стартот од натпреварите во групата Г во Лигата на шампионите и по многу возбудувања, дуелот заврши нерешено, 2-2.
Тоа е единствениот бод што П’лзењ го има освоено на четирите натпревари во друштво на ЦСКА, Реал Мадрид и Рома, а вечерва, од 18.55 часот на арената „Лужники“ немаат простор за калкулации.
П’лзењ мора да оди на победа, ако сака да презими во Европа, односно да продолжи во Лигата на Европа, но ќе мора барем за час и половина да ја преживее и руската зима и солидниот противник.
Во Москва, според прогнозите, температурата за време на мечот ќе биде околу минус 5, а П’лзењ има уште еден голем проблем. Двојниот стрелец против ЦСКА од првиот меч, Михаил Крменчик, нема да игра поради повреда на коленото.
Тој ги постигна двата гола за П’лзењ на 19-ти септември, а тимот има вкупно 3 погодоци на сите четири мечеви во групата Г и без него мисијата на чешкиот тим да се освои Москва ќе биде многу потешка.
Проблеми има и за Сергеј Гончаренко, тренерот на ЦСКА Москва, а вечерва,ако игра Марио Фернандес, ќе мора да носи маска на лицето, како дополнителна опрема заедно со мекиот шлем.
Десниот бек на ЦСКА Москва е еден од најмалерозните играчи во Русија и имаше дури 7 повреди на главата во текот на шестгодишната кариера во руското првенство. Вечерва веројатно ќе игра, но ќе мора да носи двојна заштита за главата и за лицето.