Суарес се повреди на тренинг, Атлетико неколку недели ќе биде без првиот стрелец

Атлетико Мадрид на гостувањето кај Бетис в недела ќе игра без првиот стрелец Луис Суарес, кој има суспензија поради пет жолти картони, но уругвајскиот голгетер ќе пропушти и уште неколку дуели од шпанската лига затоа што се повреди на денешниот тренинг. Ова е хендикеп за Јорганџиите ако се знае дека Суарес е прв стрелец на тимот кој грчевито се бори за задржување на првото место.

Атлетико ја имаше титулата в раце, но почна да му се лизга и сега веќе ништо не се знае. Само со еден бод пред Барселона и три пред Реал Мадрид, Атлетико е под голем притисок, а сега проблем им е и повредата на Суарес, кој сезонава даде 19 гола.

Суарес има мускулна повреда на левата нога и проценката е дека 34-годишниот напаѓач нема да игра во следните најмалку три недели. Освен мечот со Бетис, тој нема да игра ни против Еибар, Уеска и Атлетик Билбао. Целта му е да заигра на 2 мај против Елче,за да фати ритам пред гостувањето на „Камп ноу“, каде што во претходните шест сезони играше во дресот на Барселона.

- Оглас -

Најнови вести