Суарес ветил дека нема да прави циркузи како Бејл во Реал Мадрид

Луис Суарес дал ветување дека воопшто нема да прави проблеми и ќе си замине од Барселона доколку не е во плановите на новиот тренер Роналд Куман. Каталонскиот гигант од пред неколку денови има нов тренер, а Куман најави големи промени и заминување на неколку играчи кои досега беа стандардни во екипата.

Уругвајскиот напаѓач е прв на листата на оние кои треба да си заминат. Куман вчера имал телефонски разговор со Суарес, а шпанските медиуми пренесуваат детали дека комуникацијата не била подолга од една минута. Тренерот му соопштил на Суарес дека нема да смета на неговите услуги во новата сезона, а голгетерот кратко порачал дека нема да прави проблеми доколку не го сакаат веќе во клубот и разговорот завршил.

Суарес има уште една година од договорот со Барселона, но многу веројатно е дека ќе си замине во нов клуб. За Уругваецот не треба да е проблем да најде нов предизвик затоа што уште е еден од најдобрите напаѓачи во светот. Веќе се појавија шпекулации дека следна негова дестинација може да биде Париз и да го облече дресот на францускиот првак ПСЖ.

Доколку се случи Суарес да си замине од Барселона, нема да гледаме циркуз како што тоа е во Реал Мадрид. Кралевите никако не може да се „откачат“ од Герет Бејл. Велшанецот веќе со месеци само дреме на клупата за резерви и заработува милиони евра, иако доби извесување од тренерот Зинедин Зидан дека веќе не е во плановите за тимот на шпанскиот шампион.

 

- Оглас -

Најнови вести