Англиските судии му помогнале на Реал да ја освои европската круна: Ситуацијата беше тешка и направивме голема грешка (Видео)

Реал Мадрид ја освои првата од трите европски круни во серија, но во финалето во 2016 година против Атлетико Мадрид, според признанието на главниот судија Марк Клатенбург, имало кардинална грешка во корист на Кралевите.

Најтрофејниот европски клуб со 13 титули во Лигата на шампионите во финалето играно на „Сан Сиро“ во Милано поведе со гол од офсајд на Серхио Рамос во 15-тата минута, а така е според признанието на англискиот судија.

„Ситуацијата беше тешка, но очигледно е дека направивме голема грешка. Рамос беше во мал офсајд, а дека ја утнавме работата, видовме на полувремето. Мојот помошник не го крена знаменцето за да сигнализира офсајд, иако очигледно е дека стрелецот на голот беше во недозволена ситуација“, вели Клатенбург.

Атлетико Мадрид израмни со голот на Караско во 79-тата минута, но остана со празни раце по пенал-серијата. Играчите на Реал Мадрид ги погодија сите пет удари од белата точка, кај Атлетико утна Хуанфран и титулата замина на „Сантијаго Бернабеу“.

Во регуларниот дел од мечот Антоан Гриезман утна пенал за Атлетико Мадрид, а Клатенбург открива дека имало интересна конверзација во 48-мата минута меѓу него и стоперот на Реал, Пепе.

„Пепе беше многу напорен и постојано реагираше на теренот. Кога го досудив пеналот за Атлетико, реагираше неспортски. Му одговорив да молчи и дека Реал воопшто и не требаше да води со 1:0 и веднаш замолче. Жалам за грешката која не беше намерна, но е очигледна“, вели Клатенбург.

Реал тогаш ја освои својата 11-та европска круна, а потоа забележа и хет-трик под команда на Зинедин Зидан со одбрана на титулата и во двете следни изданија на Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести