Судијата го расплака „касапот“ Фелипе Мело

Палмеирас на гости го совлада Гремио со 1-0 во едно од двете бразилски четврт-финалиња во Копа Либертадорес, но некогашниот репрезентативец Фелипе Мело тажен го напушти теренот, и тоа предвреме, во 77-ма минута, кога му беше покажан втор жолт картон.

Мело, кој е познат како груб играч и речиси и да нема натпревар на кој не добива јавна опомена, овојпат сметаше дека неправедно е исклучен, па со солзи во очите го напушти теренот во Порто Алегре.

По завршувањето на мечот, Мело се видел со судијата Патрисио Лостау и му рекол дека не се согласува со одлуката, иако неколку минути претходно доби усна опомена да внимава и да не прави нови фаули бидејќи ќе биде исклучен.

„Имаше многу погруби прекршоци кои не беа санкционирани. Мислам дека бев престрого казнет. Мене улогата ми е да играм во средниот ред и да ѝ помагам на одбраната. Нема да можам да играм на реваншот, но сакам да гледам позитивно и верувам дека ќе се пласираме во полуфиналето“, рече Мело, кому ова му е втор црвен картон сезонава, а откако се врати во родната земја во 2017 година, има добиено 56 картони, со што е рекордер на црната листа.

- Оглас -

Најнови вести