Судијата кој е кошмар за Гвардиола ќе го суди финалето во Лига на шампиони

Англиските ривали Манчестер сити и Челзи в сабота ќе играат за најзначајниот трофеј во Европа, во финалето на Лигата на шампиони. Сити никогаш не бил на тронот на Европа, а Челзи сака да го повтори успехот од 2012 година. Шпанскиот судија Антонио Матеу Лахоз е назначен да ја дели правдата во финалето кое ќе се игра во Порто.

Токму доделувањето на судиската доверба на Лахоз, посебно ги зовре страстите кај навивачите на Манчестер сити. Шпанскиот арбитар по лошо го памтат фановите на Граѓаните. Тој судија беше во реваншот од четвртфиналето меѓу Сити и Ливерпул, кога Граѓаните бркаа негатива од 0:3 што ја имаа по првиот меч. Сити брзо поведе, а потоа Лахоз поништи погодок на Лирој Сане. На крајот, Ливерпул направи пресврт и победи со 2:1 и отиде понатаму.

Тогаш, Гвардиола имаше многу забелешки за правдата која ја делеше Лахоз и жестоко реагираше, па беше и исклучен. Сега Гвардиола вели дека не е загрижен за тоа кој ќе суди.

„Не ме интересира кој ќе биде судија и не се потресувам околу тоа. Верувам во мојот тим. Не можете ни да претпоставите колку доверба имам во моите момци. Лахоз е судија кој сака да биде посебен. Кога сите ќе видат една ситуација на ист начин, тој може да досуди сосема спротивно. Престрого ми даде црвен картон и ме исфрли на трибините, затоа што не кажав ниеден збор“, се сеќава Гвардиола за тоа што му се случи пред три години со судијата Лахоз.

Шпанскиот стратег вели дека уште не знае кои 11 ќе стартуваат во финалето против Челзи.

 

- Оглас -

Најнови вести