Супер сензација на СП: Канаѓанец кој нема ниту една победа во Светскиот куп, до златото дојде само со една стотинка подобро време од фаворитот Килде (Видео)

Канаѓанецот Џејмс Крафорд приреди вистинска сензација на Светското првенство во скијање што се одржува во Франција освојувајќи го златниот медал во супер велеслалом.

Крафорд, кој во досегашната кариера нема ниту една победа во Светскиот куп, стана светски шампион откако победи со една стотинка подобро време од Норвежанецот Александер Омот Килде. Крафорд за златниот медал во супер велеслалом победи со време од 1:07.22 минута, додека Килде имаше време од 1:07.23 минута.

https://twitter.com/Alpine_Canada/status/1623660466668191745?s=20&t=hUJpr299G_Qi_eFgr9ZeCg

Ова е најголем успех во седумгодишната кариера на Крафорд бидејќи досега најдобар пласман му беше третото место на неколку трки, а најчесто беше меѓу 20-те најдобри скијачи на трките од Светскиот куп.

https://twitter.com/i/status/1623637645430607872

Бронзениот медал му припадна на Французинот Алексис Пинтуро, за кого ова е втор медал на СП.

Интересно е што медалистите стартуваа еден по друг, но по обратен редослед и секој од нив го поставуваше најдоброто време дотогаш. Прв од медалистите на патеката се појави Пинтуро, кој имаше стартен број осум, а по него следуваше Омот Килде.

Новиот светски шампион стартуваше како десетти и на крајот најдобро ја извозе патеката, посебно беше одличен во вториот дел и за една стотинка го освои златниот медал.

- Оглас -

Најнови вести