Суперкомпјутерот реши дали Меси или Роналдо е подобар

Лионел Меси и Кристијано Роналдо веќе една деценија се во врвот на светскиот фудбал. Тоа се двајцата играчи кои блескаат и уште никој не може да ги замени на тронот. Во текот на изминативе години постојат многу дилеми и докажувања кој е подобар – дали Меси или Роналдо?

За да се реши дилемата, професори на Католичкото училиште во белгискиот град Левен во соработка со СЦИ Спорт спровеле истражување за тоа кој е подобар. Тие направиле формула која го дала одговорот за тоа кој е подобар. Професорот Џеси Дејвис открива како функционира овој систем.

„Вредноста на некои фудбалери често се гледа само по бројот на голови и асистенции. Но нашата формула и систем ги прегледува сите акции во текот на мечот, а се пресметуваат сите шутеви, додавања, дриблинзи, стартови. Потоа сето тоа се собира и се добива вкупната вредност“, објаснува професорот Дејвис.

Во пресметките биле земени вредностите на Меси и Роналдо во периодот од 2013/14 сезона до 2017/18 сезона, а било констатирано дека Лионел Меси е најдобриот фудбалер на денешницата. По сите пресметки, на крајот Аргентинецот имал VAEP (вреднување на акциите во проценти) резултат од 1,21 по меч, додека Роналдо останал на скромен резултат од 0,61 по меч.

Според тоа, Меси, кој има шест Златни топки, наспроти петте на Роналдо, е најдобриот фудбалер на денешницата.

 

- Оглас -

Најнови вести