Суперлигата сè уште е жива, нема да биде Лига на богатите и во неа ќе играат дури 80 екипи 

Проектот Европска суперлига сè уште не е мртов. Челниците на Барселона, Реал Мадрид и Јувентус поднесоа тужба до Европскиот суд на правдата, а во меѓувреме најавија промена на форматот и наместо затворена Лига на богатите со 16 тима, во неа би учествувале дури 80 европски екипи кои би биле поделени во две лиги, пишува германскиот „Ди Велт“.

Според новиот предлог, ниту една екипа нема да има загарантирано учество во Суперлигата, а на екипите им се гарантирани 14 натпревари секоја сезона и треба да претставува замена за Лигата на шампионите на УЕФА.

Компанијата А22, која беше формирана за да помогне во покренувањето на проектот Европска суперлига, веќе контактирала со челници на 50 европски клубови од октомври минатата година и веќе креира 10 правила врз основа на разговорите кои би се имплементирале во новото натпреварување.

Првичниот предлог на Суперлигата беше тоа да биде затворено натпреварување во кое ќе учествуваат 16-те најголеми и најбогати фудбалски екипи.

Но, со новиот план се предвидува да се креираат две лиги, а пласман во нив би се обезбедувал преку резултатите постигнати во домашните првенства и нема да има привилегирани екипи. Исто така на сите екипи им се гарантира дека ќе одиграат најмалку 14 натпревари.

Сепак, овие планови на А22 за покренување на европската Суперлига ќе зависат од одлуката на Европскиот суд на правдата, а судскиот спор покренат од Реал Мадрид, Барселона и Јувентус против УЕФА и ФИФА ќе започне идниот месец.

- Оглас -

Најнови вести