Суспензија до 12 натпревари за плукање на терен

Романската Прва лига најави продолжување на сезоната на почетокот од јуни, приклучувајќи се на бројни шампионати кои одлучија да продолжат со сезоната за време на пандемијата со корона-вирусот. По два и пол месеци пауза, ќе се доиграат преостанатите натпревари од плејоф, односно плејаут фазите, а веќе е подготвен протокол кој мора да се почитува според мерките за заштита и превенција од ковид-19.

Дефинитивно најстрога мерка покрај забраната за навивачи, е суспензијата за плукање на терен. Казната е од шест до 12 меча суспензија доколку фудбалерот плукне или го издува носот, плус паричен надомест. Речиси да нема фудбалер со овие стекнати навики, но за да не одат на дополнителен одмор, ќе мора да бидат претпазливи.

Исто така доста интересна мерка е што секој фудбалер мора да го носи дресот со којшто играл и да се пресоблече дури кога ќе стигне дома.

Непосредно пред прекинот на шампионатот, нашиот поранешен и потенцијален репрезентативец Давид Бабунски потпиша за Ботошани, екипа што игра во плејофот и сè уште го чека првиот настап за тимот за кој настапува и Стефан Ашковски. Македонија има уште еден фудбалер што настапува во Романија, а Марко Симоновски со Волунтари бие битка за опстанок во плејаутот.

- Оглас -

Најнови вести