Светот го запозна засилувањето на Партизан, стана првиот со трипл-дабл против САД

Карлик Џонс од Јужен Судан синоќа стана првиот кошаркар во историјата кој направил трипл-дабл против репрезентацијата на САД, и веднаш се заинтересираа за него и во НБА лигата, а тој има договор со Партизан и следната сезона треба да игра за српскиот евролигаш.

Џонс минатата сезона играше во кинеската лига. Тој против Американците имаше 15 поени и 11 скокови и асистенции, со што влезе во историјата. За негова жал, оваа партија не беше крунисана со победа, Американците славеа со 101-100, и имаа среќа во последниот напад што судиите не досудија фаул за Африканците, иако можеа да го направат тоа. За селекцијата на Јужен Судан игра и Нуни Омот, кој пред неколку сезони го носеше дресот на МЗТ Скопје.

Џонс не е непознат во кошаркарските кругови, лани беше прв асистент на Светското првенство со 10,6 асистенции по меч, а постигнуваше во просек по 20,4 поени (осми најдобар стрелец).

Во НБА одиграл само 12 меча, а негова следна дестинација треба да биде Партизан. Жељко Обрадовиќ ќе му даде можност да дебитира во Евролигата, и очигледно е дека Црно-белите ќе имаат екстра засилување.

- Оглас -

Најнови вести