Светски првак се плаши дека ќе мора да се пензионира поради коронавирусот

Членот на француската генерација која го освои Светското првенство во 2018 година, Адил Рами, се наоѓа во Сочи, Русија, каде што оваа сезона настапува за тимот на Сочи. Искусниот дефанзивец има важечки договор со клубот до 30 јуни, а како што стојат работите смета дека ќе биде приморан да се пензионира.

Како и сите други првенства низ Европа, па така и руското е привремено прекинато и сè уште точно не се знае до кога ќе трае овој прекин, бидејќи пандемијата со коронавирусот од ден на ден станува сè полоша на Стариот континент, поточно постепено се зголемува бројот на заразени и мртви.

„Шампионатот е прекинат и мислам дека оваа ситуација ќе трае подолго од очекуваното. Се држам до упатствата од докторите бидејќи во Сочи нема карантин и од клубот ни соопштија да избеднуваме масовни собири. Меѓутоа, овде се води нормален живот, луѓето се надвор, а јас не можам да се вратам дома во Франција. Буквално сум заробен во Русија, ми недостасуваат децата, но морам да бидам трпелив и да чекам сето ова да помине“, истакна Рами.

Пред преселбата во Русија, Рами играше за Фенербахче, Лил, Валенсија, Милан, Марсеј и Севилја.

 

- Оглас -

Најнови вести