Елина Свитолина се измачи, но дојде до ВТА финалето

Украинката Елина Свитолина е првата финалистка на завршниот ВТА турнир во Сингапур. Во првото полуфинале, таа ја совлада Кики Бертенс со 7-5, 6-7, 6-4. Тенисерките водеа голема и исцрпувачка борба која траеше 2 часа и 37 минути. Ова беше најдолг меч на турнирот.

Свитолина без пораз дојде до финалето на турнирот на кој се осум од деветте најдобри тенисерки на светот (без повредената Симона Халеп). Бертенс на турнирот влезе како резерва, по откажување на Халеп, но таа докажа дека е тенисерка со најголем напредок во 2018 година, и ги освои срцата на љубителите на овој спорт.

„Беше голема борба, физички напорно, игравме на високо ниво, среќна сум што победив, многу ми значи ова. Во финалето ќе го дадам својот максимум, тоа ќе биде мој последен меч годинава и мора да го дадам најдоброто од себе“ – изјави Свитолина.

Во финалето, шестата носителка Свитолина ќе игра со Каролина Плишкова или Слоун Стивенс.

- Оглас -

Најнови вести