Таткото на Фати сака Ансу уште утре да си оди од Барселона

Таткото на Ансу Фати, Бори, ги шокира навивачите на Барселона изјавувајќи дека сака неговиот син да си оди од каталонскиот тим.

Бори Фати смета дека Ансу заслужува поголема минутажа и респект бидејќи е дете на клубот кој ја носи „десетката“ на грбот. Згора на тоа, тој порача дека повеќе нема да ги следи натпреварите на Барселона на „Камп ноу“, иако досега не ги пропушташе ниту гостинските мечеви.

„Ансу не сака да ја напушти Барселона, но јас сакам да биде успешен. Лут сум и на Барселона и повеќе не одам на стадион. Сигурен сум дека за еден месец повторно ќе имаме средба со Жорж Мендеш. Загрижен сум бидејќи Анси игра многу малку, а зборуваме за фудбалер кој е шпански репрезентативец и кој е продукт на ‘Ла Масија’. Ансу заслужува да игра многу повеќе“, изјави Бори Фати.

Тој посебно му е лут на тренерот на Барселона, Чави Ернандес, кој му дава сè помалку шанси на Ансу Фати, иако младиот фудбалер во дел од сезоната беше на листата на повредени играчи.

„Не знам зошто Чави не му дава поголема шанса. Чави побара од Ансу да тренира напорно и тој тоа го прави, но и понатаму не добива шанса. Ансу не е му е лут нему бидејќи му е идол. Но, јас како татко на Ансу сум многу лут. Јас го советувам да си замине, но тој не сака и негова желба е да остане. Доколку се прашувам јас, уште утре би ја напуштил Барселона“, додаде Бори Фати.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести