Таткото на Ѓоковиќ со лоши вести: Јас под овие услови не би одел во Мелбурн, Ноле е мој син па сега сами заклучете

Уште еден и пол месец има до почетокот на првиот Гренд слем тениски турнир во 2022 година, Отвореното првенство на Австралија, а останува најголемата дилема. Уште не се знае дали на турнирот во Мелбурн ќе учествува најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ.

Србинот е рекордер со девет титули на Австралија опен и актуелен бранител на тронот, но многу веројатно дека нема да може да ја брани титулата. Властите во Мелбурн донесоа одлука дека на турнирот не смее да учествува ниту еден тенисер ако не е вакциниран.

Ѓоковиќ јавно рече дека е против вакцинирањето, а тоа најверојатно значи дека не е вакциниран, но официјално ништо не е потврдено. Таткото на Новак, Срѓан Ѓоковиќ на гостување во една ТВ емисија откри дека неговиот син најверојатно нема да биде дел од Гренд слемот во Мелбурн.

„Што се однесува до вакцинација или не, тоа е лично право на секого. Никој нема право да ни влегува во интимата, тоа е и уставно загарантирано право. Секој има право самиот да одлучува за своето здравје. Дали е вакциниран Новак, тоа е негово ексклузивно право. Мислам дека нема тој да каже дали е или не е вакциниран. Ни јас не ја знам неговата одлука, но дури и да ја знам, нема да ви ја кажам. Тој самиот има право да си одлучи како сака“, рече Ѓоковиќ постариот.

Срѓан вели дека Новак е непријатно изненаден од тоа како организаторот на Австралија опен се однесува со човекот кој девет пати бил првак на тој турнир.

„Беше непријатно поради соопштенијата на властите во таа покраина во Австралија, кои си дадоа за право да го прозиваат деветкратниот шампион во Мелбурн. Дали Новак ќе се појави таму, тоа најмногу зависи од нив самите. Тој е спортист и со целото свое срце би сакал да игра. Сепак, под овие уцени и услови кои се сега, веројатно нема да биде дел. Јас не би бил, а тој е мој син, па сега вие проценете сами“, дополни таткото на Новак Ѓоковиќ.

Срѓан беше зачуден дури и од изјавата на првиот човек на турнирот, Крег Тил, дека ќе може да се игра само со „признати вакцини“.

„Која е тоа призната вакцина господине Крег? Не е призната руската? По нашите критериуми признати се руската и кинеската вакцина. Мислам дека не е во ред да не ги признаваат руската и кинеската вакцина“, револтирано коментираше Срѓан Ѓоковиќ.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести