Таткото на новата ѕвезда на Јувентус барал два трактори од италијанскиот првак

Моис Кин е новата ѕвезда на италијанскиот фудбал. Младиот напаѓач на Јувентус блесна во дресот на италијанскиот првак, а веднаш потоа својот квалитет го докажа и во репрезентацијата на Италија. На мечевите против Финска и Лихтенштајн, Кин се запиша во листата на стрелците и потврди дека е играчот за иднината на „аѕурите“.

Тинејџерот немал многу убаво детство, а мајка му сакала да го одведе во Англија. Сепак, тогаш од Јувентус побарале трпение и Кин и мајка му да останат во Италија. Тука се појавува и таткото на Кин, кој вели дека тој е најзаслужен што талентираниот фудбалер не заминал за Англија.

„Мајка му на Моис сакаше да го одведе детето во Англија. Јас им ветив на луѓето во Јувентус дека ќе го задржам во Италија, а за возврат од нив побарав да ми дадат два трактори. Ми рекоа дека нема да има никаков проблем, но еве уште ги немам добиено“, изјави Бору Жан Кин за Раи Радио 1.

По ваквите изјави, веднаш се јави и самиот Моис, кој го демантираше својот татко.

„Трактори? Немам врска за што зборува. Јас сум станал човек благодарение на мојата мајка.Со тоа сѐ реков. Никогаш нема да ја заборавам личноста која ме одгледа“, напиша Кин на својот инстаграм-профил.

Родителите на Кин се развеле уште додека Моис бил бебе, а татко му си заминал. Сега, откако стана славен, веднаш започна да се појавува и неговиот татко. Сепак, мајка му Изабел воопшто не дозволува сега таткото да се меша и да добие дел од славата на својот син.

„Јувентус го одгледа и како фудбалер и како човек. Сѐ што има научено, му должи на Јувентус. Јувентус е неговиот татко“, вели мајката на Моис.

Младата ѕвезда на италијанскиот првак сезонава одигра само 182 минути, а веќе има постигнато три погодоци. До крајот на сезоната во Серија А, Моис сигурно ќе добива многу поголема минутажа и ќе има можност да го докаже својот квалитет.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести