Таткото Србин им удри „шлаканица“ на своите: Стефан има силна поврзаност со Шпанија

Стефан Бајчетиќ е тинејџерот кој синоќа блесна во дресот на Ливерпул. Младиот 18-годишен Бајчетиќ доби шанса да влезе во игра во 79-тата минута на гостувањето кај Астон вила, а само две минути подоцна го постигна и првенецот во Премиер лигата. Во Ливерпул игра како Шпанец, иако има потекло од Србија, по неговиот татко Срѓан, кој е некогашен фудбалер на Селта Виго и Црвена ѕвезда.

Стефан веќе има три меча за У18 селекцијата на Шпанија. Србите се надеваат дека ќе може да го придобијат, но токму од Срѓан стигна шок за нив.

„Стефан е роден и израснат во Шпанија. Има многу поцврста врска со Шпанија отколку со Србија. Никогаш не се знае што може да се случи во иднина, но таа одлука не е донесена од интерес“, вели Бајчетиќ сениор.

Таткото Срѓан вели дека е среќен што неговиот син толку многу брзо напредувал, но потсети дека не смее да се „лета во облаци“ затоа што многу талентирани фудбалери брзо ги снемало од фудбалската мапа.

„Никој не очекуваше толку брзо да напредува. Сите сме изненадени кога летоска замина на подготовки со првиот тим и дека по враќањето во базата, продолжи да тренира со сениорите. Дебито за Ливерпул претставува голем чекор напред. Сепак, Ливерпул има неброено многу млади таленти кои потекнуваат од школата на клубот, многумина од нив дебитираа за првиот тим, но потоа не успеаја да се задржат таму“, додава Срѓан.

- Оглас -

Најнови вести