Тажен Велигден за ФК Вардар

Можете ли да си замислите Реал Мадрид или Барселона кои се симболи на Шпанија односно покраината Каталонија, да испаднат во втора лига? Никогаш не вели никогаш, но тешко е да се замисли дека ќе се дозволи таков гигант да оди во понизок ранг затоа што си заминале најголем дел од играчите поради немање пари, и тимот имал слаби резултати.

На нашиот најтрофеен фудбалски клуб Вардар, по вторпат за десет години му се случува да биде на прагот на втора лига. Испаѓањето изгледа неизбежно. Во 2011 година вардарци кога истотака играа со млад состав, испаднаа, но се фузираа со Миравци и останаа во елитата, а таман кога во 2014 година Вардар доби стабилен спонзор, се исправи на нозе, играше и во групите на Лига Европа, сега повторно игра со недоволно конкурентен состав и ќе биде претпоследен на табелата, што го води во ранг подолу.

И овојпат се шпекулира дека може пак да дојде до некакво спојување, но пореална е варијантата Вардар во следната сезона за првпат во својата историја да се натпреварува во втора лига. Можеби не е трагедија да се биде второлигаш, но проблемот е што не се гледа светло на крајот на тунелот кај Вардар. Нема гаранција дека тимот експресно би се вратил таму каде што му е местото и не се знае дали ќе добие сопственик и спонзори.

Не е непознато на Балканот да има пропаст на локални гиганти, пропаднатите се снаоѓаат некако, меѓу поинтересните примери се оној во Бугарија каде има два тима со името ЦСКА Софија, а во Романија, славната Стеауа мораше да се прекрсти во ФЦСБ. Тие клубови со традиција и многу навивачи не згаснаа, а веруваме нема ни Вардар.

Веста дека Вардар ќе испадне во втора лига, и во поранешните југословенски републики е примена со тага и изненадување. Таму добро знаат кој клуб беше гордоста на фудбалска Македонија. Но, по осамостојувањето на Македонија, постепено Вардар тонеше и по вторпат го допира дното. Брендот Вардар е голем, но за разлика од ракометниот клуб кој уште е на високо ниво дури и во европски рамки, во фудбалскиот воопшто не цутат розите.

Навивачката група Комити како да е единствената која се грижи за ФК Вардар. Фановите прават разни акции за помош на клубот, а во последното соопштение порачаа: „Им пречи Вардар, па решија да не постои. Со Вардар до крајот на светот“.

Вардар е милионски должник, па како таков, ни Град Скопје засега не сака да го врати во свое владение. Ќе треба да се вложи голем напор да дојде до фудбалско воскреснување на Вардар. Дотогаш, навивачите ќе мора да се помират со тажната реалност.

- Оглас -

Најнови вести