Тејтум испиша историја на натпреварот на сите ѕвезди во НБА и му го нанесе првиот пораз на тимот на Леброн (Видео)

Тимот на Јанис славеше над тимот на Леброн со 184:175 на олстар-натпреварот на сите ѕвезди во НБА-лигата кој се одигра во Солт Лејк Сити.

Ова е прв пораз на Леброн Џејмс по пет триумфи, откако тимовите ги бираат двајцата играчи што добиле најмногу гласови во изборот на првите петорки за олстар-натпреварот.

Стартери во тимот на Леброн, покрај ѕвездата на ЛА лејкерс, беа уште Лука Дончиќ, Никола Јокиќ, Џоел Ембид и Кајри Ирвинг. Леброн ги избра уште и Ентони Едвардс, Џејлен Браун, Пол Џорџ, Тајрис Халибартон, Џулиус Рендл, Деарон Фокс и Џарен Џексон. Тренер на тимот беше Мајк Мелоун од Денвер.

Во тимот на Јанис, стартери беа уште и Лаури Марканен, Донован Мичел, Џа Морант и Џејсон Тејтум. На клупата беа Демиен Лилард, Џру Холидеј, Шеј Гилџес-Александер, Демар Дерозан, Паскал Сијакам, Бам Адебајо и Домантас Сабонис.

За поразот на тимот на Леброн, најзаслужен е играчот на Бостон селтикс, Џејсон Тејтум, кој постигна рекордни 55 поени и беше прогласен за МВП на натпреварот.

Тејтум за три поени го надмина рекордот кога станува збор за поените на натпреварот на сите ѕвезди, кој беше во сопственост на Ентони Дејвис.

Одличен натпревар за победничкиот тим имаше и поранешниот играч на Јута џез, Донован Мичел, кој постигна 40 поени и имаше 10 асистенции. Капитенот на тимот, Јанис Адетокумбо, ги постигна првите поени на натпреварот и само по 20 секунди поради повреда на зглобот на раката излезе од игра и не се врати до крајот на мечот.

Кај тимот на Леброн, најдобар беше соиграчот на Тејтум во Бостон, Џејлен Браун, со 35 поени и 13 скокови, додека Џоел Ембид и Кајри Ирвинг дадоа по 32.

Леброн Џејмс средбата ја заврши со 13 постигнати поени, а бидејќи пријави повреда, играше само во првото полувреме, додека во второто полувреме се дружеше со ќерките на трагично загинатиот Коби Брајант. Слаб поентерски учинок имаа и Никола Јокиќ и Лука Дончиќ, кои дадоа по четири поени за тимот на Леброн.

Годинава капитените првите петорки ги избираа непосредно пред натпреварот кој беше пренесуван во 214 земји во светот.

Идната година олстар-викендот ќе се одржи во Индијанаполис, кој требаше да биде домаќин во 2021 година, но поради пандемијата на коронавирусот беше преместен во Атланта.

- Оглас -

Најнови вести