Телефонски разговор од 40 секунди ја предизвика најголемата фудбалска утка во 2020 година

Роналд Куман имал разговор само од 40 секунди во кој му соопштил на Луис Суарес дека не се вклопува во неговите планови и идеи за иднината на Барселона.

Холанѓанецот го наследи Кике Сетјен на клупата на шпанскиот гигант во август 2020 година, а само еден месец подоцна Суарес потпиша двегодишен договор со Атлетико Мадрид, откако не му успеа обидот да го засили Јувентус.

„Разговорот со Куман траеше само 40 секунди. Ми соопшти дека не смета на мене во Барселона. Тоа не е начин да му се соопшти на играч што дал многу за клубот дека треба да си замине“, изјави Суарес.

Одличниот шпиц потоа ја освои титулата со Атлетико Мадрид во ланската сезона, што не беше добра за Барселона и мина само со еден освоен пехар, тој во Купот на Шпанија.

Суарес подоцна поентираше и со трансферот на Кун Агуеро во Барселона, фрлајќи ги во вода аргументите на Куман дека е престар за да игра за шпанскиот гигант.

Барса го ангажира Агуеро како замена за Суарес, а Кун е само една година помлад од него.

Суарес имаше уште еден потег со кој му се реваншира на Куман и по постигнатиот гол за Атлетико Мадрид на дербито со Барса во саботата направи имитација како разговара на телефон, со алузија на начинот на којшто му беше соопштено дека не е во плановите на Каталонците и на Холанѓанецот.

Атлетико со головите на Лемар и на Суарес, кои и си асистираа меѓу себе во првото полувреме, лесно ја победи Барселона со 2:0.

- Оглас -

Најнови вести