Тенисот не памети вакво нешто: В понеделник Ѓоковиќ и Алкараз може да имаат еднаков број бодови, кој ќе биде прв?

Кога се чинеше дека на Новак Ѓоковиќ му е целосно отворен патот кон поставување апсолутен рекорд (и во машка и во женска конкуренција) според бројот на недели поминати на прво место на светската ранг-листа, неочекувано се појави можност за една ситуација каква што немало никогаш порано во историјата.

Доколку Карлос Алкараз неделава го освои АТП 500 Мастерсот во Рио де Жанеиро, в понеделник на најновата АТП-листа, младиот Шпанец ќе има еднаков број бодови со Новак Ѓоковиќ. Во моментов Србинот има 590 поени повеќе, но ако Алкараз го освои Рио, на своето конто ќе додаде нови 500 поени и ќе има 6.980 АТП поени, а Ѓоковиќ, кој денеска има 7.070, ќе загуби 90 (толку освои лани на турнирот во Дубаи, а овој турнир годинава почнува една недела подоцна) и ќе падне на 6.980, исто колку и Алкараз.

Досега никогаш не се случило двајца тенисери кои се борат за прво место да имаат еднаков број АТП поени. Но, во АТП мислеле и на ваква ситуација, особено што кај понискорангираните често се случува повеќе играчи да имаат еднаков број поени.

Правилото е дека предност му се дава на тенисерот кој има повеќе поени од гренслемите, Мастерс 1000 турнирите и завршниот Мастерс, а ако и тука се изедначени, се гледа кој играл помалку турнири.

Ѓоковиќ има многу такви поени повеќе од Алкараз, но на Новак таму му се пресметани и поените од Вимблдон (АТП лани не доделуваше поени за овој славен турнир), па останува да се види дали Србинот сепак ќе остане прв и со 378 недели на врвот ќе стане рекордер.

И според другиот критериум, Ѓоковиќ е во предност, играше помалку турнири од Алкараз, па затоа се очекува Ѓоковиќ на 27 јануари да стане рекордер дури и ако Алкараз триумфира во Рио, што нема да му биде лесно.

- Оглас -

Најнови вести