Тензии на прес-конференцијата на Иран: Колку ќе ми платиш за да ти одговорам на тоа прашање (Видео)

Прес-конференцијата на селекторот на фудбалската репрезентација на Иран, Карлос Кеирош, во спортскиот центар Ал-Рајан во Катар се претвори во политичка расправија со англиските новинари поради нередите што се случија во оваа земја.

Иран во последните месеци е во центарот на светската јавност поради големите протести во земјата предизикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, која претходно беше уапсена од „полицијата за морал“ поради неправилно носење на хиџаб.

Махса почина како последица од повредите здобиени од малтретирањето во полициска станица, поради што низ земјата неколку недели се одржуваат големи протести кои иранската полиција не бира сила средства за да ги задуши. Во нередите се убиени 344 лица, а дури 15.280 се уапсени.

Поради тоа, зачестија барањата да се исфрли Иран од Светското првенство, а сега селекторот Кеирош влезе во вербална расправија со англиските новинари во Катар.

„Фудбалерите можат слободно да протестираат доколку тоа е во согласност со правилата на Светското првенство и во духот на фудбалот“, одговори Кеирош на прашањето дали иранските фудбалери ќе искажат несогласување од политиките на официјален Техеран и ќе им дадат поддршка на жените.

„Но, исто така може да се изразите и на теренот, а играчите имаат само една работа на ум, тоа е да се борат за пласман во втората фаза“, рече Кеирош.

Португалецот кој седи на клупата на Иран потоа им се обрати на англиските медиуми:
„Иран е ист како вашата земја. Го следи духот на играта и законите на ФИФА. Секој има право да се изразува, вие клекнувате пред мечевите. Некои луѓе се согласуваат, а некои не се согласуваат со тоа, и Иран е сосема ист како вашата земја“.

На прашањето дали е горд што е селектор на репрезентација на земја која ги угнетува жените, Кеирош луто му одговори на англискиот новинар.

„Колку ќе ни платиш за да одговорам на тоа прашање? Вие сте приватен медиум, разговарај со твојот шеф и дај ми го твојот одговор. Не ми ставај зборови во уста што не ги кажувам. Прашувам колку пари ми даваш за да одговорам“.

Иран на Мундијалот во Катар се наоѓа во групата Б заедно со Англија, Велс и САД, а првиот натпревар ќе го игра токму против Гордиот Албион в понеделник.

- Оглас -

Најнови вести