„Тепачка“ за Златната копачка на Копа Америка: 13 играчи се во конкуренција

По домаќинот Бразил, Перу е вториот финалист на Копа Америка по убедливиот триумф над Чиле со 3-0. Двете репрезентации во недела, на 7 јули, ќе се борат за престижниот пехар, додека неколку репрезентативци на двете земји ќе водат битка и за престижната индивидуална награда – најдобар стрелец.

Во пресрет на финалната пресметка, дури 13 фудбалери со еднаков број погодоци конкурираат за Златната копачка. По два гола досега постигнаа: Фирмино, Кутињо, Евертон, Гереро, Флорес, Мартинес, Санчес, Суарес, Кавани, Варгас, Мачис, Запата и Мијоши.

Секако, најголеми шанси за освојување на наградата имаат Фирмино, Кутињо и Евертон од Бразил, односно Гереро и Флорес од Перу. Но, Златната копачка може да се одреди и во мечот за трето место меѓу Аргентина и Чиле. Лаутаро Мартинес е единствениот играч на Гаучосите со два гола, додека од Варгас и Алексис Санчес исто така се во конкуренција, со тоа што Варгас ноќеска против Перу утна пенал и не успеа да се запише како единствен играч со три погодоци.

Финалето е во недела, во 22 часот, а ден порано (21 часот) ќе се игра мечот за трето место. Оваа награда ќе им биде мотив на ѕвездите на јужноамериканскиот шампионат да се покажат во најдобро светло, а воедно да приредат уште два спектакли за крај.

 

- Оглас -

Најнови вести