Тежок пораз за Вардар во градското дерби против Работнички (видео)

Вардар го загуби градското дерби против Работнички со 1-3 и западна во уште поголеми проблеми на две кола до крајот на сезоната. Црвено-црните останаа претпоследни на табелата со четири бода негатива зад Академија Пандев, која исто така претрпи пораз со 1-3 на гостувањето кај Пелистер.

Убедливиот триумф за Романтичарите го најави Силјановски во 12-тата минута, а Ѓурѓевиќ зголеми на 2-0 веќе во 26-тата минута. За да нема дилеми, односно да не им се дозволи на домаќините евентуално враќање, се погрижи Јевтоски во 57-та минута со погодокот за 3-0, додека почесниот гол за Вардар го реализира Петејчук во последните десетина минути од дербито.

Вардар со 14-тиот претрпен пораз сезонава остана на 31 бод и 11-тото место, Работнички остана петти со 44 бода.

Струга ТЛ приреди изненадување против новиот шампион Шкендија на неутралниот терен во Гостивар, со победа од 2-0 со која Струга дојде на само еден бод од третото место на кое стои Македонија Ѓорче Петров, која патем ремизираше без голови кај Шкупи.

Ренова славеше со 3-1 против Беласица, Борец и Силекс ремизираа при 1-1.

- Оглас -

Најнови вести