Екипата на ТФТ Скопје не успеа да изненади на гостувањето кај Широки Бриег и загуби со 88:69 во првиот меч од финалето на плејофот во АБА 2 лигата. Тимот кој ќе биде најдобар во АБА 2 од следната сезона ќе игра во елитната АБА 1 лига каде има три евролигаши.
Широки поведе со 1:0 во победи, а тоа значи дека на следната средба на која ТФТ ќе биде домаќин во Скопје, македонскиот преставник ќе мора да победи за да ги задржи шансите да остане во игра за влез во АБА 1 лигата.
ТФТ добро започна во првата четвртина и поведе со 17:9, а потоа прв пат имаа и двоцифрена предност од 11 поени (25:14). Во текот на целата втора четвртина ТФТ константно го одржуваше водството, а на полувреме замина со предност од 44:37.

Беше 46:39 за ТФТ кога Широки со серија од 13:0 направи пресврт и по долго време стигна до водство од 52:46. Македонскиот преставник не се предаде и поведе со 60:58, но во пресрет на последната четвртина Широки влезе со предност од два поени (64:62).
ТФТ израмни на 64:64, но потоа следуваше серија од 10:0 за Широки, па домаќините стигнаа до 74:64 на помалку од четири минути до крајот на дуелот. До крајот на мечот на теренот како да постоеше само еден тим, а тоа беше домашниот. Широки во последните 10 минути даде 24 поени, а прими само 7 и на крајот стигна до убедлива победа од дури 19 разлика.

