Тибодо го победи Лејкерс со 22 разлика, и доби отказ!

Том Тибодо веќе не е тренер на Минесота тимбервулфс, тој три години ја вршеше тренерската функција, беше и претседател на клубот, но отказот му беше врачен после победа на „шумските волци“ од 22 поени разлика против Лос Анџелес лејкерс. Ова покажува дека разделбата била планирана уште пред мечот, па исходот не беше важен. Тибодо на клупата на Минесота имаше 97 победи и 107 порази.

Додуша гостите од Калифорнија беа ослабени со неиграњето на Леброн Џејмс. Откако суперѕвездата се повреди на 25 декември, Лејкерс има само една победа на шест меча.

Привремен тренер на Тимбервулфс ќе биде 32-годишниот Рајан Сондерс, син на Флип Сондерс, кој истотака ја водеше Минесота во минатото. Сондерс ќе биде најмладиот тренер во НБА лигата. Минесота има скор 19-21, и се наоѓа на 11 место на западот.

Атланта беше подобра од Мајами, но гостинскиот бек Двејн Вејд ја даде својата 500-та тројка во кариерата. Тој им се придружи на Мајкл Џордан и Леброн Џејмс, како единствени тројца во историјата со 20.000 поени, 5.000 асистенции, 4.000 скока, 1.500 украдени топки, 800 блокади и 500 тројки.

РЕЗУЛТАТИ: Чикаго – Бруклин 100:117, ЛА Клиперс – Орландо 106:96, Минесота – ЛА Лејкерс 108:86, Атланта – Мајами 106:82, Оклахома сити – Вашингтон 98:116, Торонто – Индијана 121:105, Феникс – Шарлот 113:119.

- Оглас -

Најнови вести