Тикет од човекот кој во живо следел над 1.500 фудбалски мечеви

Еден од најпознатите македонски спортски новинари Атанас Костовски ја прифати понудата да биде дел од акцијата на Sport Life и да состави добротворен тикет за викенд-натпреварите кои следуваат. Костовски е човек кој повеќе од половина век е активен на спортските настани.

Малкумина може да се пофалат со бројката од седум Светски фудбалски првенства на кои тој бил дел и во живо ги следел мечевите. Освен на Мундијалите, Костовски известувал и од речиси сите останати позначајни големи спортски настапи, но засекогаш ќе го памти првиот пренос.

„Првенчето секогаш се памти. На 25 ноември 1965 година го коментирав мечот Вардар – Црвена ѕвезда. Вардар победи со 2:0. Потоа се редеа многу настани, многу натпревари. Имам повеќе од 2 500 преноси во сите спортови, но, секако, најмногу имам коментирано фудбал“, вели Костовски.

Популарниот Таско сега е во пензија, но и понатаму активно ги следи сите спортски настани, а понекогаш сака и да уплати некое ливче за обложување.

„Никогаш не сакам да се обложувам на клубовите за коишто навивам, ниту на клубови од Македонија. Тоа значи дека освен на мечевите на македонските претставници, никогаш на моите тикети ги нема Црвена ѕвезда, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед. Тоа се трите клуба за коишто навивам и сакам мирно да ги следам кога играат“, открива Костовски.

Иако најмногу има коментирано фудбалски дуели, сепак најинтересниот меч му е во ватерполо. „Беше финале на СП во 1986 година во Шпанија. Југославија играше против Италија, а беше неверојатно неизвесно. Се играа четири продолжувања, a на крајот Милановиќ даде гол на 0,4 секунди до крајот за победа од 12:11“, се сеќава Костовски.

Кога се работи за добротворниот тикет, Костовски се реши за интересна комбинација. Состави тикет од 10 натпревари, по два од сите 5 најсилни лиги во Европа. Вреди да се проба да се одигра тикетот од човек со повеќе од 50 години искуство во спортот.

 

- Оглас -

Најнови вести