Тиквеш убедлив против Македонија ЃП, Вардар „гази“ во Втора лига

Екипата на Тиквеш со убедливи 4:0 славеше над Македонија Ѓорче Петров во првиот меч од 10 коло во Прва фудбалска лига на Македонија. Дуелот во Кавадарци беше неизвесен до пред крајот на првото полувреме. Гостите од Ѓорче Петров создадоа неколку шанси, но не постигнаа гол, па потоа следуваше казна.

Ивановски донесе радост за Тиквеш во 44 минута за 1:0, а во судиското надополнување веќе беше 2:0 за домаќините откако погоди Нгоба. На стартот на вториот дел беше досуден пенал за Тиквеш, а Ивановски беше сигурен реализатор за 3:0 и решавање на сите дилеми околу победникот. Нгоба со својот втор погодок стави точка на мечот за 4:0 на Тиквеш.

Останатите мечеви од Прва лига се играат утре.

Во Втора лига, Вардар убедливо со 3:0 победи на гости кај Саса и ја задржа лидерската позиција. Мицевски во 26 минута ги доведе гостите во водство, а во вториот дел погодија и Јаневски (69 минута) и Жоглев во 92 минута. Црвено-црните сега имаат 19 од максималните 21 бодови по седум одиграни кола во Втора лига.

Во останатите мечеви од ова коло во Втора лига: Детонит Плачковица – Пелистер 1:0, Борец – Охрид 1:2, Караорман – Арсими 2:0, Беса – Тетекс 6:1, Гостивар – Беласица 0:0, Воска Спорт – Слога Виница 3:0. Утре играат: Пехчево – Кожуф.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести