Екипата на Баер Леверкузен продолжува во неверојатен ритам, откако на свој терен убедливо со 4:0 славеше над Унион Берлин во меч од 11 коло на германската Бундеслига. За Фармацевтите ова е 10 победа, а имаат само едно реми, па заслужено се лидери на табелата со 31 од можни 33 бодови.
Не само што Баер победува, туку тимот на тренерот Чаби Алонсо тоа го прави на убедлив начин. Во овие 11 кола, лидерот има постигнато 34 голови, што во просек е повеќе од три погодоци на натпревар.
Против Унион Берлин беше очекувана убедлива победа, ако се знае дека тимот од главниот град на Германија е последен на табелата со само шест бода. Грималдо до 23 минута ги доведе домаќините во водство, а во вториот дел со уште три погодоци на Баер, целосно беше скршен отпорот на гостите.
Баер Леверкузен е убедливо најдобар тим во Европа според остварените резултати не само во домашнто првенство, туку и во сите натпреварувања. Во 18 дуели во првенството и Купот на Германија, како и во Лигата на Европа, Баер Леверкузен сезонава има биланс од 17 победи и само еден нерешен резултат (На гости во Минхен против Баерн 2:2).