Горан Пандев потврди: Утре го играм последниот меч за Македонија

По повеќе од 20 години професионална кариера и настапи во репрезентативниот дрес на Македонија, Горан Пандев одлучи дека по завршувањето на Европското првенство, заминува во пензија.

„Да да толку беше од мене во репрезентативниот дрес. Направивме нешто големо се пласиравме на ЕП и остваривме еден сон на многу генерации. Не можев да посакам подобар начин да простам од репрезентацијата. На Европско првенство, против Холандија, на стадион што го носи името на Јохан Кројф. Сакам да им посакам на останатите репрезентативци да продолжат во исто темпо и да имаат многу среќа во квалификациите за Светско првенство во Катар. Среќен сум што се простувам на големо натпреварување, во дресот на најдобрата репрезентација која некогаш ја имала Македонија“, рече Горан Пандев на почетокот на денешната прес конференција пред мечот со Холандија.

Со настапот на Европското првенство, Пандев неодамна најави дека ги исполнил сите негови соништа на професионален план. Гранде Пандев беше стрелец на победничкиот гол во финалето од плејофот за пласман на ЕП против Грузија, а капитенот влезе во историјата и како стрелец на првиот на ЕП, кога погоди во дуелот против Австрија, во поразот од 3:1.

Пандев е рекордер и по бројот на настапи и по бројот на постигнати голови за Македонија. Вкупно има одиграно 121 меча, во кои постигнал 38 погодоци. На клупски план, кариерата ја започна во струмичка Беласица, а потоа како 18-годишник замина во Италија, во Интер.

Беше даден како позајмен играч и настапи за Специја, а дебито во Серија А го имаше како играч на Анкона, во чиј дрес го даде и првиот гол во италијанското првенство. Потоа заигра за Лацио, а најблескавите моменти во кариерата ги имаше во дресот на Интер, со кого стана првак во Серија А, ја освои Лигата на шампионите, а се закити и со златото на Светското клупско првенство.

Од Интер замина во Наполи, а потоа една сезона играше во Галатасарај. Потоа повторно се врати во Серија А, како играч на Џенова, каде што ги одигра последните шест сезони. Тој е првиот македонски фудбалер кој ја надминал магичната бројка од 100 гола во Топ 5 лигите. Има 101 погодок во Серија А. Во кариерата се радуваше и на пет титули во Купот на Италија, по два со Интер и Наполи и еднаш со Лацио.

Едноставно, Пандев одлучи дека тука е крајот на неговата блескава кариера, во која им донесе многу радости на сите македонски навивачи.

 

- Оглас -

Најнови вести