Том Брејди нема намера да се повлече

Најуспешниот играч во историјата на НФЛ-лигата, Том Брејди, потврди дека нема шанса да се повлече по освојувањето на својот шести шампионски трофеј. Брејди, кој во НФЛ влезе во 2000 година како 199-ти пик на драфтот, што се смета за најголема „кражба“ во историјата на Лигата, има шест титули, две повеќе од Тери Бредшо и Тони Монтана, а од активните квотербекови, по два трофеи имамаат Бен Ротлисбергер и Ели Менинг.

Многумина очекуваа ова да му биде последна сезона, но Брејди уште пред мечот со ЛА рамс кажа дека шансите да замине во пензија се еднакви на нула.

„Што ме мотивира? Па погледнете го ова“, покажувајќи со рацете кон трибините на стадионот во Атланта.

„Атмосферата беше како да играме дома на нашиот „Жилет стадион“. Се надевам дека навивачите добро ќе се забавуваат при прославата, а во вторник ќе им приредиме парада. Фановите се мојата најголема мотивација, како и семејството, кое е секогаш со мене“, изјави Брејди, кој е сопруг на славната бразилска манекенка Жизел Бундхен.

Брејди има 29 плејоф-победи, а пред него нема ниту еден играч, туку само петте најуспешни клубови во НФЛ: Њу Ингланд и Питсбург имаат по 36, Далас 35, Грин Беј 34, а Сан Франциско 30. Следната година Брејди веројатно ќе се искачи и погоре и Патриотите, кои не се популарни во најголем дел од САД, ќе продолжат да ги нервираат Американците кои многу сакаат да гледаат како губи Њу Ингланд, но тоа тешко оди во последните 15-тина години.

- Оглас -

Најнови вести